Иванов: Македонија ќе постои без оглед на исходот
Сакаме да бидеме дел од Европа, но не по секоја цена. Претседателот Иванов вечерва порача дека земјава нема да попушти под притисоците за промена на името и идентитетот, само за да биде дел Унијата.
„Оваа историја сме ја живееле многу пати порано. Ништо ново не измислуваме. Каков и да биде исходот на разговорите кои се водат овие денови во Брисел, Македонија ќе опстои. Ние сме силна земја која нема да попушти пред притисоците и евентуалните неправди. Ние имаме европска перспектива која ќе ја оствариме заедно, со поддршка на сите етнички и верски заедници, сите партии и сите граѓани од Македонија“, рече претседателот Иванов.
Во присуство на повеќемина амбасадори, Иванов жестоко ја нападна ЕУ, обвинувајќи ја за непринципиелност.
Сведоци сме на на една Европа која се мачи да го пронајде својот глас. Во неа се уште има водачи кои наместо духот на обединета Европа, дозволуваат да бидат понесени од ситни, тесногради интереси. Предупреди: секое кршење на принципите денес, утре ќе вроди десетици нови прекршувања, десетици нови блокади.
„Добиваме колеблив одговор, добиваме решенија кои важат од денес за утре, си дозволуваме блокади, притисоци на ситните интереси. Гледаме отсуство на визија. Добиваме најави за 2012, 2014, 2015 година. Како мислиме да ги постигнеме тие рокови? Со опструкции и со попречувања?“, запраша Иванов.
На вечерашната свечена Академија по повод чествувањето на Свети Климент, Иванов го слушаа и министрите за надворешни и одбрана, Милошоски и Коњаноски.
Ниту тие, ниту амбасадорите не го коментираа обраќањето на претседателот, кое доаѓа на само неколку часа пред одлуката на ЕУ околу датумот за преговори.



Пиши коментар