Советот на министри на ЕУ донесе одлука
Европската Унија го одложи решавањето за датум за преговори за Македонија во наредните шест месеци, под шпанско претседателство. За шведското претседателство, ова е претставува компромис помеѓу сите инволвирани страни.
За ЕУ, велат во Брисел, беше многу важно да се одреди некаква временска рамка за Македонија и тоа е постигнато, иако таа временска рамка е многу полабава од првичниот предлог - март 2010-та.
Грција се надеваше на исход сличен на Букурешт кога македонското прашање би се одложило само откако ќе се реши спорот за името, но во тоа не успеа.
„Советот на ЕУ реши да го врати ова прашање во текот на следното претседателствување. Тоа е знак дека имаме рамка која означува напредок на оваа земја на патот кон ЕУ. Кај мене има поттик од позитивниот развој и повторно обновените контакти помеѓу двајцата премиери што се однесува на делот на спорот за името кој впрочем е од билатерална природа. Ова треба да им овозможи на двете земји да го решат проблемот со името кој е од билатерален карактер“, рече Оли Рен.
Министрите за надворешни работи на ЕУ со тешки маки го постигнаа денешниот компромис. Дипломатските офанзиви биле напорни, пренесуваат дипломатите во Советот.
Најголемиот дел од работата за интеграција во ЕУ допрва претстои. Македонија и Грција ќе треба во наредните шест месеци да постигнат заеднички прифатливо решение за спорот за името.
„Долго време сме сведоци на решавање на ова прашање. Ако имате ситуација каде едната страна е премногу задоволна, а другата премногу депримирана тоа предвидува појава на проблем. Но ако и двете страни покажуваат интерес и желба за успех и се подготвени на компромис тоа е добар знак дека еден ден ќе успеат да ги надминат сите проблеми. Ние го имаме токму ова. Ние имаме ситуација каде двете страни се чекор понапред до крајната задоволителна цел. Тоа е крајниот резултат од компромисот. Токму тоа ќе ја однесе чекор напред и Европа и овој дел од Европа. На ова треба да гледате како на знак на охрабрување и многу важно движење нанапред во следните неколку месеци за тоа конкретно прашање“, изјави Карл Билд.
Истовремено македонските власти не треба да ја запостават реформската агенда за ЕУ, бидејќи денеска, освен спорот за името, министрите забележаа и дека се потребни уште напори во борбата против корупцијата и обезбедувањето функционално и независно судство во Македонија.
Со или без преговори за ЕУ, овие прашања се најсуштински за граѓаните.



Пиши коментар